Во официјална посета на ТС Битола 2, денеска, во придружба на директорот на АД МЕПСО Бурим Љатифи, беше министерката за енергетика, Сања Божиновска. Потенцирајќи го значењето на новиот 400/110kV трансформатор за енергетската стабилност за југозападна Македонија и за целиот национален енергетски систем, Божиновска рече:
“Пуштањето под напон на трансформатор во ТС Битола 2 е круцијален дел од енергетската инфраструктура бидејќи со него се обезбедува стабилно снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и стопанството во Охрид, Струга, Ресен, Битола и Прилеп, и се зајакнува отпорноста и доверливоста на преносниот систем воопшто. Нашата мрежа беше изложена на сериозен ризик, особено поради двата изгорени трансформатори, што создаде реална опасност од колапс на целиот електроенергетски систем. Се надевам дека и другите веќе започнати проекти навреме ќе се завршат и со нив ќе се гарантира стабилно снабдување со електрична енергија и во следниот период.“
Проектот за набавка на 400/110kV трансформатор започна во 2023 год., а новиот менаџмент во компанијата истиот го забрза и финишира за да може да одговори на итните потреби во регионот што ги наметнуваат зимските температури и зголемената потрошувачка на електрична енергија. Трансформаторот има клучна улога во стабилизирање на мрежата, намалување на ризикот од каскадни прекини и за сигурност во производството на електрична енергија во РЕК Битола.
“Успешната испорака на трансформаторот и неговото ставање во функција, беше можно само благодарение на тимската работа, на посветеноста на стручните технички екипи на АД МЕПСО и координацијата со ресорните Министерства во Владата. Целиот процес имаше бројни предизвици, но тука сме да наоѓаме решенија, а едно од решенијата е токму овој трансформатор кој е во полна функција од понеделникот. Граѓаните заслужуваат резултати, а не изговори. Компанијата останува посветена на зајакнување на националната мрежа, елиминирање на наследените слабости и обезбедување сигурно снабдување со електрична енергија за сите граѓани“ рече Љатифи.
Со пуштањето во работа на новиот трансформатор, отстранети се и последните пречки за продолжување на проектот за реконструкција на 110kV далекувод од ТС Битола 1- ТС Прилеп 1. Овој проект е само еден во низот кои ќе се започнат или реализираат во новата 2025 како година во која АД МЕПСО го одбележува големиот јубилеј, 20 години од формирањето на Друштвото.