"Го поставуваме камен темелникот на досега најголемиот и еден од најзначајните проекти во историјата на АД МЕПСО но и пошироко во регионот. Јас би го нарекол Виа Игнациа Енергија", со овие зборови генералниот директор на АД МЕПСО, Куштрим Рамадани го означи почетокот на изградбата на 400/110 kV трансформаторска станица Охрид која со влез и излез ќе биде поврзана на новиот 400 kV интерконективен далекувод Битола - Елбасан. Потенцирајќи ја важноста на овој капитален проект и за државата и регионот, Рамадани рече дека со реализацијата на овој капитален инфраструктурен проект се заокружува електроенергетското поврзување со сите наши соседи.
"Денес ги отвораме вратите за енергетското поврзување исток-запад која е наша голема стратешка цел. Ова ќе ни овозможи не само поголема сигурност, сатбилност и доверливост на нашиот електроенергетски систем, туку и вклучување во сите регионални иницијативи за размена на енергија како и учество на пазарите на балансните и системски услуги", рече пред многубројните гости Рамадани.
Изразувајќи силна поддршка на заложбите на АД МЕПСО за модернизација на електроенергетскиот преносен систем и реализација на капитални инфраструктурни проекти за обезбедување стабилно функционирање на преносната мрежа, премиерот Зоран Заев во оваа пригода рече:
"Инвестицијата за овој проект е од огромно регионално значење и изнесува 50 милиони евра. Станува збор за најголемата инвестиција во преносната електроенергетска мрежа која согласно предвидената динамика на работа се очекува да биде завршена до 2023 година. Владата на Р.Северна Македонија инвестира во современи и трајни добра кои се од големо значење за стабилен и долгорочен економски развој. Токму инвестициите во електропреносната мрежа се еден од нашите приоритети.Градиме добрососедски односи и се поврзуваме со единствена цел поголем економски просперитет и поголем стандард".
Почетокот на работите за електроенергетско поврзување на Р. Северна Македонија и Р.Албанија покажува дека и во пандемија и економска криза, Владата и АД МЕПСО не застануваат со инвестициите во инфраструктурата пред се во делот на енергетиката и обезбедувањето енергетска стабилност, истакна министерот за економија Крешник Бектеши.Според него, важноста и потребата за регионална соработка се дел од приоритетите во Стратегијата за енергетика која дефинира конкретни мерки и проекти од аспект на прекуграничното поврзување.”Оваа важна инвестиција ќе ја подобри сигурноста во снабдувањето со електрична енергија и ќе овозможи дополнителна поддршка на трговците со електрична енергија за постигање на конкурентни цени”, потенцира Бектеши.
Заменик министерот за енергија и инфраструктура на Албанија, Илир Бејта рече дека овој капитален проект ги отвора можностите за нови инвестиции .”За мене е голема чест што сум дел од овој настан, за почетокот на една нова многу значајна врска на еден според мене автопат за електрична енергија помеѓу двете држави кој верувам дека ќе ни донесе значителни позитивни промени во економиите на двете земји “
Проектот за интерконективно поврзување на Р. Северна Македонија и Р. Албанија е изнвестиција со вредност од 50 милиони евра, која е финансирана со грант од 12 милиони евра од WBIF, 37 милиони евра од ЕБОР и сопствени средства на АД МЕПСО. Проектот опфаќа неколку компоненти, меѓу кои најзначајни се 400 kV далекувод ТС Битола 2 - албанска граница и ТС Охрид која ќе има 400 kV влез и излез, и три излеза на 110 kV ниво кон Охрид, Струга и Ресен. Договорот за изградба е потпишан во јануари 2020 година со хрватската компанија "Кончар", која беше избрана на меѓународен тендер. "И покрај тешките услови предизвикани од пандемијата, ние успеавме со само неколку недели задоцнување да го започнеме овој голем проект и цврсто сме убедени дека ќе го завршиме во предвидениот рок ", истакна генералниот директор на АД МЕПСО Куштрим Рамадани.