Испрати по е-пошта

Одлука за воведување на дополнителни аукции за набавка на aFRR и mFRR балансен капацитет и балансна енергија


 
Со воведувањето на новиот балансен механизам од 01.01.2020 година и досегашното искуство, како и направените анализи, се јави потреба од воведување на одредени промени, со цел подобро прилагодување на балансниот механизам на условите на македонскиот електропреносен систем, зголемување на домашната конкуренција, како и приближување кон европските платформи за системски услуги, за кои АД МЕПСО очекува да стане полноправен член, најдоцна до декември 2022 година. 
За таа цел, АД МЕПСО за 2021 година, ќе воведе аукции за набавка на системски услуги со пократок временски рок на испорака, односно ќе се воведат месечни аукции за набавка на аFRR балансен капацитет и балансна енергија, наместо постоечките годишни аукции, како и воведување на неделни аукции за mFRR балансен капацитет и балансна енергија, наместо постоечките месечни аукции. 
Согласно Член 21 став (3) и Член 37 став (2), од Правилата за балансирање на ЕЕС, ако е потребно, АД МЕПСО има право да воведе дополнителни годишни, месечни или неделни аукции за аFRR и mFRR балансен капацитет и балансна енергија, за што треба да ја објави одлуката најмалку четири месеци однапред.

Следствено на тоа, АД МЕПСО објавува дека од 1 јануари 2021 година ќе се спроведуваат:

• месечни аукции за набавка на аFRR балансен капацитет и балансна енергија,
• неделни аукции за набавка на mFRR балансен капацитет и балансна енергија.

АД МЕПСО смета дека овие промени ќе овозможат подобри услови на давателите на балансни услуги (BSP) за прогноза и оптимизирање на производството на балансните единици за aFRR и mFRR балансна енергија, а при тоа во целост ќе бидат исполнети обврските кои АД МЕПСО ги има преземени со членството во ENTSO-E за обезбедување сигурна работа на електропреносниот систем.
АД МЕПСО го задржува правото на дополнителни измени, согласно Правилата за балансирање на ЕЕС, доколку воочи потреба за истото. 

Објавена на: 8/26/2020 12:16:30 PM