Испрати по е-пошта

МЕПСО: Недостигот од електрична енергија не се покрива од увоз

Електричната енергија за потребите на системот ја обезбедува и плаќа МЕПСО преку системски услуги кои се предвидени за вакви ситуации

Недостигот од електрична енергија настанат заради исклучувањето на РЕК Битола, причинет од дефект во трафостаницата на МЕПСО, во целост се покрива од домашно производство. Електричната енергија за потребите на системот ја обезбедува и плаќа МЕПСО преку системски услуги кои се предвидени за вакви ситуации. За покривање на недостигот од електрична енергија не е увезен ниту еден мегаватчас електрична енергија. Ова нема да има никакви финансиски импликации врз цената на електрична енергија што ја плаќаат граѓаните. 
Како што веќе информиравме денеска заради дефект на елемент од високонапонска опрема во трансформаторската станица „Битола 2“ регистрирана е безнапонска состојба во 14:17 часот. Од тие причини, автоматски делувала релејната заштита на трансформаторската станица и го исклучила РЕК Битола.
По брзата реакција екипите на МЕПСО успеаја во 14:43 часот да создадат услови за повторно вклучување на преносната мрежа на „РЕК Битола“ најголемиот производствен капацитет на електрична енергија.
АД МЕПСО, во моментов, врши модернизација на високонапонската опрема во ТС „Битола 2“, електроенергетски јазол на кој е приклучен битолскиот рударско-енергетски комбинат, со што во иднина на минимум ќе се сведат ризиците од испади и дефекти .
Објавена на: 11/5/2019 6:43:36 PM