Испрати по е-пошта

Отворено 11-то интернационално советување МАКО СИГРЕ

Повеќе од 350 учесници – инженери и професионални кои работат во областа на електроенергетиката ќе разменат искуства и знаења на меѓународното советување кои во организација на МАКО СИГРЕ ќе се одржи од денеска до 8 октомври во хотел „Метропол“ во Охрид. 
На 11-то меѓународно советување на МАКО СИГРЕ ќе бидат презентирани 113 стручни трудови на кои авторите ќе ги претстават нивните истражувања и практични искуства, а учесниците на советувањето ќе добијат директен преглед на тековните предизвици во различните сегменти на електроенергетскиот сектор.

Пленарната сесија, што се одржува денеска по свеченото отварање, е посветена на една од најактуелните теми: дигиталните трендови во електроенергетските системи, со посебен акцент на информатичката безбедност. Панелисти на пленарната сесија се стручњаци од регионот кои пред учесниците на советувањето ќе ги изложат своите размислувања и искуства за оваа тема. 
Достигнувањата на индустријата учесниците ќе можат да ги проследат преку шест технички презентации, кои се занимаваат со актуелни теми од областа на електроенергетиката. Во рамки на советувањето е поставен и изложбен простор отворен за сите учесници за време на трите дена на советувањето каде учесниците ќе можат од блиску да се запознаат со најновите производи и достигнувања на водечките компании од електроиндустријата.
 
МАКО СИГРЕ како и секогаш и годинава ќе посвети значен простор на студентите од областа на електроенергетиката. Нивните трудови ќе бидат презентирани на постер сесијата во рамки на советувањето. Пред присутните на свеченото отворање се обратија Благојче Трповски, претседател на МАКО СИГРЕ, Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ во својство на потпретседател на Почесниот одбор и Иван Трпески, претседател на Организацискиот одбор. Ова советување го поддржаа десетина компании од електроенергетиката меѓу кои и МЕПСО чија генерална директорка м-р Ева Шуклева е член на Почесниот одбор за организација на ова еминентно советување.
СИГРЕ е интернационална водечка техничка асоцијација во областа на електроенергетиката. Нејзината основна мисија е да овозможи размена на информации и знаења меѓу инженерите и експертите од областа на електроенергетиката и синтеза на современите инженерски практики кои се применуваат на меѓународно ниво. Организацијата е формирана во 1921 година, со седиште во Париз.

МАКО СИГРЕ е национален комитет на оваа меѓународна асоцијација од нашата земја. Здружението е основано е во 1994 година, како резултат на заложбите на група ентузијасти да ја продолжат активноста на македонските експерти од областа на електроенергетиката кои претходно биле активни во ЈУКО СИГРЕ. МАКО СИГРЕ е здружение на инженери, кои со својата волонтерска работа придонесуваат за унапредување на оваа исклучително важна дејност во нашата земја. МАКО СИГРЕ ги обединува сите значајни чинители од електроенергетскиот сектор во земјата: инженерите од големите електроенергетски компании ЕСМ, ЕВН и МЕПСО од индустријата, од универзитетите и од институциите. Основната цел на здружението е да овозможи размена на искуства и знаења на инженерите кои работат во пракса, на истражувачите и на сите оние кои работат во областа на електроенергетиката
Објавена на: 10/6/2019 1:22:17 PM