Испрати по е-пошта

Реакција на МЕПСО на изјава на Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК

  Од страна на Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, во емисија на една национална телевизија вчера (8 мај 2019 година) беа изнесени обвинувања на сметка на работата на г-дин Сашо Василевски, претседател на Управниот одбор и генерален директор на МЕПСО. Истите ги отфрламе како паушални и тенденциозни со единствена цел да нанесат штета на угледот.
Законот за работни односи никаде не нормира што е дискреционо право за чие прекршување говори претседателката на ДКСК. Заради правилно информирање на јавноста и достојно почитување на личниот и професионален интегритет на засегнатите лица, Ивановска треба јасно да соопшти кои членови од ЗРО или од други закони или подзаконски акти се прекршени при изборот на Влоре Бектеши на работната позиција во МЕПСО. Ивановска во двете јавни излагања во кои предмет на напад беше генералниот директор на МЕПСО г-динот Сашо Василевски, не посочи и не се повика на ниту еден член од закон или закони што се евентуално прекршени при изборот на Бектеши. Доколку постојат такви нарушувања, јавните настапи на Ивановска мора да бидат поткрепени со законски основи. 
МЕПСО нема никаква сопственичка поврзаност со Министерството за економија што значи дека ресорниот министер не ги креира економските политики на АД МЕПСО ниту на било кој начин може да влијае врз носење одлуки за вработување лица во МЕПСО. Доколку Ивановска има докази за своите обвинувања треба да ги изнесе пред очите на јавноста или да ги достави до надлежни државни органи. Воедно МЕПСО не е јавно претпријатие на Владата туку е акционерско друштво во сопственост на Министерство за транспорт и врски.
Уште еднаш ќе ги наведеме сита аргументи кои докажуваат дека во целост е запазена постапката за избор и дека се испочитувани сите одредби од законот за работни односи , а кои МЕПСО ги достави и до ДКСК на 5 март годинава. Изборот на најдобриот кандидат што беше предмет на интерес на ДКСК е извршен врз основа на Законот за работни односи, подзаконските акти на МЕПСО, по добиена согласност за вработување од Министерството за финансии во транспарентна постапка со објавен оглас во два дневни весници и на веб страницата на компанијата. Изборот од 73 кандидати за тоа работно место го изврши интерна комисија формирана со одлука на ГД, во која членуваа вработени лица и членови на Управниот одбор. Врз основа на одлуката, Комисијата со Извештај предложи по пет кандидати за секоја од 23 отворени работни позиции опфатени во огласот. Согласно со овластувањата од ЗРО и од подзаконските акти на МЕПСО генералниот директор го изврши изборот на кандидатите меѓу кои и Бектеши која меѓу другите квалификации е и докторант на „ЛУМ Жане Моне“ ( Universita LUM Jean Monnet) универзитетот во Италија. Во оваа прилика сакаме да потсетиме уште еднаш дека ниту еден од над 800 апликанти на огласот не поднел приговор на избор ниту повел соодветна постапка. 
А.Д. МЕПСО
Објавена на: 5/9/2019 3:43:42 PM