Испрати по е-пошта

МЕПСО вложува 4,6 милиони евра во трафостаницата „Дуброво“

Се заменува со нова опрема која е во функција 40 години во системски најзважната трафостаница во македонскиот електропреносен систем

МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Дуброво“ при што ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година до сега. По тој повод во работна посета на „Дуброво“ денеска беа: министерот Горан Сугарески (највисок претставник на Министерството за транспорт и врски - новиот акционер во МЕПСО), Сашо Василевски , генералниот директор и претседател на Управниот одбор, Сашо Стефановски и Борко Алексоски, членови на Управниот одбор на МЕПСО.

Овој комплексен проект опфаќа замена на примарна опрема (прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори) како и ревитализација на секундарната опрема на 400 kV и на 110 kV напонско ниво која вклучува: испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор и за управување како и системи за AC/DC развод и нов систем за мерење електрична енергија. Миинистерот Сугарески истакна дека овој комплексен проект означува почеток на голем инвестициски циклус во електроенергетскиот сектор во вредност од преку 70 милиони евра. 

- Со сите овие планирани инвестиции ќе овозможиме стабилен енергетски сектор во Република Македонија. Европската банка за обнова и развој и понатаму останува значаен партнер на Република Македонија, поддржувајќи нè во инвестициите за изградба и реконструкција на електропреносната мрежа, со кредитна рамка која надминува 30 милиони евра, истакна министерот Сугаревски.
-За оваа постројка електроинженерите велат дека е срцето на македонскиот електропреносен систем и тоа само за себе кажува какво е нејзиното значење. Нашата цел е да замениме со нова опрема што е во функција веќе 40 години. Дополнително и многу важно е тоа што овој проект ангажира и домашни ресурси и значаен дел од инвестицијата ќе влезе и во македонската економија преку ангажманите на фирми подизведувачи, снабдувачи и ангажманите на стручни лица од различни профили, потенцираше Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО во работната посета на трафостаницата „Дуброво“.

За реализација на овој проект на меѓународен тендер лани за најповолен понудувач е избран конзорциумот: „Сименс“ Република Србија и „Сискон“, Република Македонија. Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од сопствени средства на МЕПСО, од кредит од Европската банка за обнова и развој и од грант од Европската комисија. Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ планирано е да трае три години. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем. 
Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот конзумен регион Скопје. Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далекуводи кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Република Бугарија и на Република Грција.

Новиот среднорочен инвестициски циклус во преносната мрежа, кој е вреден над 70 милиони евра и вклучува: далекувод што ќе ги поврзе електропреносните системи на Република Македонија и на Република Албанија, изградба на нова 400/110 киловолтна трагостаница во близина на Охрид, реконструкција на четири трафостаници од преносната мрежа, набавка на системи за релејна заштита за уште четири други трафостаници и проекти за изградба на шест нови 110 киловолтни далекуводи во преносната мрежа.
Објавена на: 9/24/2018 12:36:16 PM