Испрати по е-пошта

Македонија доби модел за да формира организиран пазар на електрична енергија

Република Македонија доби предлог модел за организиран пазар на електрична енергија кој опфаќа тргување по принципот набавка на електрична енергија еден ден пред испораката или популарно наречено „ тргување ден однапред“ односно берза на електрична енергија. Моделот на организиран пазар за електрична енергија го изработија и денеска во Владата го презентираа консултантите од Словенија: Борзен (словенечкиот оператор на пазар) и БСП (словенечката берза за електрична енергија) кои имаат големо искуство во областа на организирано тргување со електрична енергија. 
Со новиот закон за енергетика, кој неодамне беше усвоен предвидено е МЕПСО да биде основач на компанијата ќе има овластување да го организира, управува и поврзува пазарот на електрична енергија за тргување „ден однапред“ и во „рамки на денот“ при тоа овозможувајќи фер и транспарентен пристап на сите учесници. 

На презентацијата пред педесетина претставници на фирми за трговија, снабдување, производство на електрична енергија во земјава се обратија д-р Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања, Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО, Симон Шутиноски, директор на Операторот на пазар на електрична енергија во рамки на МЕПСО и Симон Узунов, претставник на Секретаријатот на Енергетската заедница која финансиски ја поддржа изработката на студијата за организиран пазар на електрична енергија.
Анѓушев нагласи дека за таа цел е потребно да се организира посебен софтвер, но додаде дека снабдувањето не е само техничка операција, туку и финансиска и затоа за целиот процес е важно кој ќе го извршува клирингот, односно ќе гарантира за плаќањето и наплаќањето на истргуваната електрична енергија. 

МЕПСО со поддршка на на Секретаријатот на енергетската заедница се вклучи во два проекта, што овозможуваат техничка поддршка на РМ за воспоставување на организиран пазар на електрична енергија и поврзување со соседите врз основа на европскиот модел.
Директорот на МЕПСО Сашо Василевски потенцира дека организираниот и технички поддржан пазар е мошне важен за финансиската сигурност на трговците, производителите, снабдувачите и потрошувачите. 
- Транспаретноста околу цените, конкуретноста на понудувачите и уште сет други карактеристи што го формираат финалниот производ се таа неопходна иницијација, која неминовно води во нови вложувања во енергетиката, што е најзначајно за сите земји во регионот, додаде тој.

Директорот Шутиноски потенцираше дека воспоставување централизирано место на кое учесниците на пазарот ќе можат да продаваат и да набавуваат електрична енергија блиску до реалното време е предизвик за нивното работење.
- Пазарот во Македонија е можеби мал, но е многу добро поврзан со соседните со помош на интерконекциски врски на МЕПСО. Нашиот енергетски систем е поврзан со Бугарија, Грција, Косово и Србија, додека интерконекциската врска со Албанија ќе следува во наредниот период, додаде Шутиновски.

Симон Узунов од Секретаријатот на енергетската заедница додаде дека пазарот на „ден однапред“ тргување ги отвора вратите за мултилатерални тргувања за што е потребна нова технологија. 
Организираниот пазар на електрична енергија нуди еднакви услови за сите учесници на пазарот и воедно и транспаретност во формирање на цените на струјата. Притоа имајќи улога на централно договорна страна нуди финансиска безбедност за трговците, снабдувачите, производителите и потрошувачите, гарантирајќи дека субјектот што извршил продавање сигурно ќе добие финансиски средства, а субјектот што извршил купување сигурно ќе добие електрична енергија.

Овој проект е дел од заложбите на земјите од Западен Балкан за интеграција на пазарите на електрична енергија во рамки на единствениот пазар за електрична енергија. Самото воспоставување на организиран пазар, претставува прва фаза и воедно предуслов за регионално поврзување на пазарите на електрична енергија, што е предмет и на потпишаниот Меморандум меѓу Македонија и Бугарија, на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. 


Презентација за институционална поставеност на организираниот “ден-однапред”пазар на електрична енергија
Објавена на: 5/30/2018 1:22:00 PM