Испрати по е-пошта

Електропреносните систем-оператори ќе формираат единствен пазар за струја



Единствен пазар на електрична енергија во земјите од регионот на Југоисточна Европа и негова интеграција во Пан-европскиот пазар на електрична енергија е заедничката цел на компаниите преносни систем-оператори од 9 држави учесници на Форумот под мотото „Границите да станат мостови“, што во организација на МЕПСО денеска се одржува во во Охрид.
Форумот на преносни систем-оператори под мотото „Границите да станат мостови“ свечено го отворија г-дин Зоран Заев, претседателот на Владата и г-дин Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за енергетски и економски политики и г-дин Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО. За организацијата на овој форум голема поддршка даде и Бен Ворхорст, претседател на Собранието на Европската асоцијација на електропреносни систем-оператори (ЕНТСО-Е).
-Овој собир овде во Охрид е од исклучителна важност ако се има предвид целта на форумот: Креирање на единствен пазар на електрична енергија и негово вклучување во пан-европскиот пазар на електрична енергија. Toa е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот: производители, снабдувачи и трговци затоа што за сите важат истите услови односно правила, истакна во своето обраќање премиерот Заев.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека стремежот посебно на малите земји како што е Република Македонија е во регионално поврзување на пазарот на електрична енергија и инвестиции во енергетиката, а се со цел бенефитот да го почустваваат граѓаните преку пониски цени на електричната енергија.

- Ние денеска, и покрај тоа што сме во посиромашниот дел од Европа, ние се уште имаме повисоки пазарни цени на електрична енергија од тоа што го има Европа. Причината за таа работата е заради тоа што развиениот дел од Европа има повеќе инвестирано и во производствени и во преносни капацитети, за разлика од нашиот регион каде електрична енергија во извесни делови е се уште дефицитарен и увозен производ.Само со градење на капацитети во делот на производството а посебно каде што вие управувате во делот на преносните линии, односно на далекуводите кои што се на високо напонско ниво, над 110 киловолти, можеме да гарантираме сигурност за нашите граѓани.
Василевски, генералниот директор на МЕПСО истакна: 
-Единствениот пазар ги афирмира зголемувањето на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот и на тој начин ја создава толку посакуваната цел, а таа е конкурентност и во цените на електричната енергија како опција најповолна за потрошувачите.

Преносните систем-оператори се гаранти на функционалноста на единствен пазар на електрична енергија затоа што се надлежни и одговорни да овозможат стабилност и сигурност во управувањето со националните електропреносни системи што е клучен предуслов за да може да се воспостави и да профункционира единствен пазар на електрична енергија. Целта на овој форум е јакнењето и унапредувањето на меѓусебната соработка на преносните систем-оператори преку размена на искуства за тоа што досега е постигнато и што треба да усогласат во заедничкото работење за да ги спроведат европските регулативи и да ја постигнат заедничката цел. На форумот учествуваат највисоки претставници односно генерални директори, извршни директори, претседатели на управни одбори на операторите на електропреносните системи: МЕПСО од Македонија, ОСТ од Албанија, ЕМС од Србија, ЕСО од Бугарија, КОССТ од Косово, НОС од Босна и Херцеговина и високи претставници на управите на систем-операторите од АДМИЕ од Грција, ХОПС од Хрватска и ЕЛЕС од Словенија. Воедно тука се и првите луѓе на регионалниот Центар за сигурносна координација (СЦЦ) и на СЕЕ ЦАО зедничката компанија која организира аукции на расположливи прекугранични капацитети, како и претставник на ЕНТСО Е. 

Објавена на: 5/11/2018 12:13:36 PM