Испрати по е-пошта

Македонија и Бугарија потпишаа Меморандум за поврзување на пазарите за тргување со електрична енергија


Македонскиот електропреносен систем-оператор МЕПСО и македонската Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), од една страна и бугарската Независна енергетска берза (ИБЕКС) заедно со бугарскиот електропреносен систем – оператор ЕСО, од друга страна, потпишаа Меморандум за разбирање со цел поврзување на организирани пазари на кои електричната енергија ќе се тргува на принципот „ден однапред“. Меморандумот, претставниците на двете страни го потпишаа на 12 април под покровителство на Секретаријатот на Енергетската заедница како дел од иницијативата енергетско поврзување на 6 држави од Западен Балкан, попозната како WB 6. Се очекува наскоро овој меморандум за разбирање да биде потпишан и од бугарскатаРегулаторна ком исија за енергија и управување со водени ресурси.

Потписниците на Меморандумот се согласија во период од 30 дена од потпишувањето на заеднички сосотанок да ги утврдат клучните цели што треба да ги постигне проектот за поврзување, временска рамка за имплементација на фазите од проектот, структурата и работни групи од двете страни кои ќе учествуваат во неговата реализација. Прелиминарно, планирано е поврзувањето на двата организирани пазари за електрична енергија да стартува во вториот квартал во 2019 година. 
Овој чекор на унапредување на соработката меѓу двете страни е втемелен во Меморандумот за разбирање што го потпишаа сите земји претставнички на иницијативата WB 6 (за формирање регионален пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа) во 2016 година и претставниците на бугарската страна во мај 2017 година. 

Процесот за поврзување на организираните пазари за електрична енергија меѓу Република Македонија и Република Бугарија е овозможен со проектот за „Техничка поддршка за поврзување во рамки на Западен Балкан, компонента 2: Регионален пазар за електрична енергија“, финансиски поддржан од Европската унија, а имплементиран Секретаријатот на Енергетската заедница.

Објавена на: 4/17/2018 10:11:35 AM