Испрати по е-пошта

МЕПСО: со ревитализацијата на ТС „Дуброво“ почнува инвестициски циклус вреден над 50 милиони евра

МЕПСО склучи договор за ревитализација на 400/110 kV ТС „Дуброво“и со овој проект започнува среднорочен инвестициски циклус за ревитализација на повеќе трансформаторски станици во преносната мрежа, изградба на нова трансформаторска станица кај Охрид и за изградба на седум нови далекуводи. Договорот за ревитализација на ТС „Дуброво“ го склучија Сашо Василевски, генералниот директор на МЕПСО и Срдан Срдановиќ, претставник на „Сименс“, денеска во Владата на РМ. На свеченоста присуствуваше и вицепремиерот Кочо Анѓушев кој во оваа прилика во своето обраќање истакна: Со потпишување на овој договор Владата започнува со агресивна реализација на најавените инвестиции во електроенергетскиот сектор. Владата најави и ќе го реализира ветеното за вложување во капитални инвестиции односно дека ќе работи на создавање на квалитетна инфраструктура со која ќе се подобрат условите за работа и ќе се подигне конкурентноста на македонското стопанство. Енергетиката е еден од главните столбови на кои ќе се фокусираме и денеска го започнуваме инвестицискиот циклус во оваа насока, потенцираше вицепремиерот Анѓушев. 

Во своето прво обраќање до јавноста Василевски, генералниот директор на МЕПСО истакна дека МЕПСО започнува среднорочен инвестициски циклус со проекти за ревитализација на повеќе трансформаторски станици и изградба на седум нови далекуводи ширум земјава вреден повеќе од 50 милиони евра.
-Со проектот за ревитализација ќе замениме со нова опрема што е во функција 40 години. Оваа трансформаторска станица е срцето на електропреносниот систем и е даден приоритет за нејзина ревитализација, потенцираше Василевски.

Со ревитализацијата на 110 kV постројка во трансформаторската станица „Дуброво“ ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година до сега. Овој комплексен проект опфаќа замена на примарна опрема (прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори) како и ревитализација на секундарната опрема на 400 kV и на 110 kV напонско ниво која вклучува: испорака и инсталација на системи за релејна заштита, за далечински надзор и управување , системи за AC/DC развод и целосна на ревитализација на системот за мерење електрична енергија.
Срдан Срдановиќ, претставникот на конзорциумот изведувачи соопшти дека со овој проект ја продолжуваат соработката со МЕПСО во успешна реализација на проекти за изградба и ревитализација на трансформаторски станици како што беа: ТС „Штип“, ТС „Петровец“, ТС „Скопје 5“, ТС „Скопје 4“, ТС „Тетово 2“. 
За реализација на овој проект на меѓународен тендер за најповолен понудувач е избран конзорциум: „Сименс Белград“ од Република Србија и „Сискон“ од Република Македонија. Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од три извори и тоа: сопствени средства на МЕПСО, грант од Western Balkans Investment Framework и заем од Европската банка за обнова и развој. Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ ќе трае три години. Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем. 


Објавена на: 9/29/2017 3:20:25 PM