Испрати по е-пошта

Планирани проекти

Име на проектот:

400 kV интерконективен вод Штип – (Врање) – (Лесковац) – Ниш

Кратка информација за проектот:

Планираниот 400 kV далекувод претставува нова интерконективна врска меѓу двата електроенергетски система на Македонија и Србија. Со изградба на овој далекувод се подобрува сигурноста и доверливоста на нивната работа, како и оперативноста на целиот регион. Овој 400 kV далекувод заедно со 400 kV ДВ Битола (MKD) - Лерин (GRE) значително го зајакнува електроенергетскиот коридор север – југ и создава услови за размена на поголеми количини на ЕЕ.
Во однос на локалните придобивки на двата електроенергетски системи, новата врска кон север значително ќе го подобри квалитетот и флексибилноста на снабдувањето на Скопје со ЕЕ. Заради подобрување на снабдувањето со ЕЕ во јужните делови на Србија, на водот Скопје – Ниш се планира приклучок на две нови 400 kV трансформаторски станици: ТС Врање и ТС Лесковац.
Македонската секција на новата интерконекција е со должина од 70 km, од ТС Штип до македонско-српската граница. Проценетата инвестициона вредност на македонскиот дел од проектот е 14 милиони евра. Во тек е изработка на Студија за влијание врз животната средина и Основен проект за македонската секција од далекуводот. Српската секција е во напредна фаза на градба. Реализацијата на проектот се очекува да заврши во 2012 година.




Име на проектот:


400 kV интерконективен вод Битола – Елбасан

Кратка информација за проектот:

Новиот 400 kV интерконективен далековод како дел од коридорот Исток- Запад, овозможува директно поврзување на ЕЕС-и на Македонија и Албанија. Со оглед на расположивоста на инсталираниот хидро-потенцијал на албанскиот ЕЕС, забележително ќе се подобри регионалниот диспечинг на енергија како меѓу ЕЕС-и на Македонија и Албанија, така и меѓу ЕЕС од балканските земји.
Потенцијално, оваа интерконекција продолжува од албанскиот брег преку подморски високонапонски кабел кон Италија и проектот прераснува во капитална инвестиција од глобален енергетски аспект.
Македонската секција на новата интерконекција е со должина од 80 km, од ТС Битола 2 до македонско-албанска граница. Проценетата инвестициона вредност на македонскиот дел од проектот е 16.7 милиони евра. Проектот е во фаза на дополнително разгледување на оправданоста поради големиот број фактори кои влијаат на неговата ефикасност, детерминирани од развојната стратегија на италијанскиот и албанскиот енергетски сектор. Реализацијата на проектот се очекува да заврши во 2015 година.





Име на проектот:

400 kV интерконективен вод Скопје – Косово

Кратка информација за проектот:

Инициран е проект за изградба на втор 400 kV интерконективен далекувод меѓу двата електроенергетски системи. За реализација на 400 kV далекувод се планира да се искористи коридорот на постојните 220 kV далекуводи Скопје 1 – Косово А. Постојните 220 kV водови Скопје 1 – Косово А се неупотребливи, надвор од погон се подолго време и имаат големи оштетувања на косовска територија.
Новиот далекувод ќе ги зајакне преносните коридори за локална и регионална размена на ЕЕ со што ќе овозможи пазарна интеграција на постојните и планираните производни термоелектрични централи во Косово, односно ќе допринесе за зголемена понуда на ЕЕ по конкурентни цени на регионалниот пазар.
Македонската секција на новата интерконекција е со должина од 20 km. Проценетата инвестициона вредност на македонскиот дел од проектот е 6.4 милиони евра. Проектот е во почетна фаза на разгледување на оправданоста. Реализацијата на проектот се очекува да заврши во 2015 година.