Испрати по е-пошта

Научни трудови

Име на труд:

Оптимизација на напонско-реактивните прилики во ЕЕС на Македонија

Кратка информација за трудот:

Целта на овој научен труд е да се покаже процедурата за решавање на проблемите со кои се соочуваат системите со низок напонски профил. Како пример е прикажан ЕЕС на Р. Македонија, меѓутоа пресметковната процедура ќе важи и за секој ЕЕС кој се соочува со истите или слични проблеми. Пресметките се извршени со програмскиот пакет PSS/E, односно со неговиот модул PSS/OPF.




Име на труд:

Анализа на ЕЕС со помош на алатката PSS/E OPF

Кратка информација за трудот:

Целта на трудот е да се прикаже начинот на кој се врши оптимизација нa локацијата и големината на дополнителните извори на реактивна моќност, во еден современ преносен систем оператор со користење на програмскиот пакет PSS/Е, и посебно неговиот модул PSS/OPF. Програмскиот модул, користи најсовремени  оптимизациони техники, при што пресметковното време се сведува на минимум, додека од друга страна точноста е на задоволително ниво имајќи ја во предвид комплексноста на проблемот.




Име на труд:

Распределба на приходите од координирана аукција

Кратка информација за трудот:

Целта на овој труд е да ги прикаже методите за распределба на приходите кои се дел од координираната аукција за Југоисточна Европа. Направена е квалитативна и квантитативна анализа на предложените методи. Дадени се и критериумите на оценка на предложените методи. Квантитативната анализа на методите е  илустрирана на MEPSO>HTSO границата.




Име на труд:

Примена на DACF постапката при управување со ЕЕС

Кратка информација за трудот:

Со либерализацијата на пазарите на електрична енергија ПСО се поставени пред нови предизвици. Во овој контекст, целта на производителите и потрошувачите е рестрикциите при трговијата со електрична енергија да се намалат колку што е можно повеќе. Со цел да се спречи влијанието на зголемените текови на моќност и паралелните текови на доверливата работа на ЕЕС, од страна на сите 35 UCTE членки одобрена е постапка за предвидување на загушувањата во преносните мрежи. Овој систем за рано предвидување на загушувањата треба да обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија.
Од тука, главна задача на ПСО е да ја организираат таа размена на податоци, да се договорат за подготвувањето на овие податоци и да обезбедат зачувување на овие доверливи податоци. Процедурата за оваа прогноза на загушувањата ден однапред (Day ahead congestion forecasts) DACF, секој ПСО треба да ја дефинира на начин кој би овозможил што подоверлива прогноза на тековите на моќности. За таа цел од страна на авторите, е изработена процедура и софтверска алатка за прогноза на загушувањата ден однапред која треба да се почне да се применува во АД МЕПСО.




Име на труд:

Анализа на преносните можности на регионот по влегувањето во погон на новиот 400 kV ДВ Дуброво  - Штип -Червена Могила

Кратка информација за трудот:

Целта на овој труд е пресметка на преносните можности во регионот на ЈИЕ после влегувањето во погон на новиот 400 kV ДВ Штип – Червена Могила. При тоа ќе бидат анализирани ефектите кои новиот далновод ги има врз големината на преносните капацитети во регионот на ЈИЕ. За потребите на пресметките е користен софтверскиот пакет PSS Must кој претставува една од најсовремените алатки за пресметка на преносните капацитети. Со цел да се добие што  поточна пресметка користени се регионални модели: летен и зимски режим со големи оптоварувања.




Име на труд:

Аукциска Куќа и веб базирана апликација  за координирана аукција на преносни капацитети  во регионот на ЈИЕ 

Кратка информација за трудот:

Во овој труд е опишана постапката за формирање на Аукциска Куќа (АК) за регионот на Југоисточна Европа која ќе биде одговорна за спроведување на координирани аукции на преносни капацитети. Во оваа насока АК треба да развие, тестира и имплементира решение за координирани аукции базирани на текови на моќност на регионално ниво. Функција на АК се состои во примена на постапка за алокација на преносни капацитети и распределба на приходот од истите. За управување со загушувањата предложени се две методи кои се базирани на текови на моќности и тоа: Координирана експлицитна аукција и Спојување на пазарот. За спроведување на аукциите во тест фазата е дизајнирана веб базирана, пазарно ориентирана  софтверска алатка, изработена од компанијата RIECADO. Софтверската алатка остава можност за  спроведување како на билатерална така и  на координирана аукција заснована на текови на моќност.





Име на труд:

Избор на оптимална локација  на 400/110 kV регулациони авто-трансформатори во ЕЕС на РМ

Кратка информација за трудот:

Во овој труд е презентирана техно-економската анализа за избор на оптимална локација на двата 400/110 kV авто-трансформатори опремени со автоматска регулација на преносниот однос под товар (АРПТ) во електроенергетскиот систем на Македонија. За таа цел, при техничките пресметки е користен посебен оптимизационен софтверски модул, дел од програмскиот пакет PSSTME. Дефинирани се две варијанти кои се анализирани во однос на нивните технички карактеристики. Потоа, според економски критериуми се споредени придобивките и недостатоците на варијантите.





Име на труд:


Избор на оптимално решение за приклучен јазел на новата 400 kV интерконекција кон Србија

Кратка информација за трудот:

Во трудот се опишани техно–економските анализи на варијантите за избор на приклучен јазел на новата 400 kV интерконекција кон Србија. Електропреносните операторите на системите на Македонија (МЕПСО) и Србија (ЕМС) иницираа проект за изградба на 400 kV интерконективен далновод меѓу двата електроенергетски системи. Изградбата на овој 400 kV вод е од важност и за двата система. Во меѓувреме, се иницира воспоставување на втора интерконективна врска меѓу системите на Косово и Македонија. Втората врска кон Косово треба да се изведе на 400 kV напонско ниво со соодветен избор на приклучен јазел во македонската мрежа.
За правилен избор на приклучниот јазел на македонска територија изработена е техно-економска студија која ја идентификува најдобрата варијанта за приклучок на двете нови интерконекции. Со тоа се направи обид да се изврши истовремена оптимизација на двете нови врски кон север: втората врска кон Косово и нова 400 kV врска кон Ниш.




Име на труд:

Методологија за испитување на приклучок на електрични централи на преносната мрежа

Кратка информација за трудот:

Трудот ја објаснува методологијата за испитување на приклучок на електрични централи на преносната мрежа.Постапката за испитување на приклучок започнува со опис на основните параметри и варијанти на приклучокот. Анализата на приклучокот се прави со помош на техничките критериуми на планирање како што се: N-0 и N-1 критериум, при што термичките ограничувања на елементите не треба да бидат надминати, потоа критериумот на куси врски при кој максималната вредност на струјата на куса врска не треба да ја надминува расклопната моќност на инсталираните уреди и критериумот на стабилност, т.е. после некој непредвиден испад или куса врска на преносен елемент, нивото на напонот и фреквенцијата да останат во рамките на дефинираните граници и ниту една производна единица да не излезе од синхронизам и нема појава на каскадни испади. Анализата треба да покаже дали предложените варијанти за приклучок ги исполнуваат техничките критериуми. Како софтверска алатка за изработка на соодветниве анализи се употребува програмскиот пакет PSSTME производ на SIEMENS PTI. Елементи од преносниот систем на Р. Македонија се моделирани согласно IEEE моделите и базата на податоци со која располага МЕПСО.




Име на труд:

Модел и стратегија за планирање на потрошувачката на електрична енергија на ЕЕС на РМ

Кратка информација за трудот:

Како резултат на недостигот од енергија во регионов се јавува потребата од креирање на регионален пазар на електрична енергија и гас, охрабрена со Атинскиот договор од 2005. Ова го вклучува односот помеѓу развојот на економијата и зголемување на потребите од енергија, ефектите од неусогласените енергетски тарифи и конкуренцијата, потенцијалот за енергетска ефикасност, придобивките од природниот гас и обновливите извори и социјалните ефекти о преструктуирањето на енергетскиот систем. За тие потреби изработен е модел за енергетско планирање на Македонија до 2027 година, кој се темели на податоците од заводот за статистика, министерството за економија и енергетските биланси, како и студиите GIS и RGS, фокусирани на производните капацитети во енергетскиот сектор и потенцијалот за зголемување на потребите од природен гас. Моделот преку различни сценарија ги опфаќа влијанијата на идните промени, како новите тарифи, обновливи извори, менаџирање на потрошувачката на енергија, субвенции, такси, регулативи и енергетска ефикасност, при тоа развивајќи енергетски пазар со нови технологии и одредувајќи енергетскиот системи со најмала потрошувачка и најекономски исплатлива стратегија на инвестициите во енергетскиот сектор. Како софтверска алатка за изработка на анализите и сценаријата се користи MARKAL, најчесто користен софтвер за изработка на енергетски анализи.




Име на труд:

Координирана аукција на преносните капацитети во ЈИЕ

Кратка информација за трудот:

Методите на координирана аукција се базираат на користење на дистрибутивни фактори преку кои се конвертираат комерцијалните трансакции во реалните физичките текови и преносните капацитети на границите како физички ограничувања на овие текови. Горниот концепт се очекува да има подобри перформанси споредено со користењето на не-координирани или билатерални механизми за распределба на преносниот капацитет. Вака базираната аукција е најсоодветна за регионот на ЈИЕ, како област која обединува голем број на СО со релативно мала и средна големина и високо ниво на меѓузависност.




Име на труд:

Пазари на реактивна моќност во светот, и нивна примена во ЕЕС на РМ

Кратка информација за трудот:

Реактивната моќност претставува една од најважните системски услуги во пазарите на реактивна моќност. Во овој труд е даден преглед на пазарите на реактивна моќност како и основни насоки кои треба да се запазат при креирањето на таквиот пазар во Р. Македонија.