Испрати по е-пошта

Оддел за релејна заштита и секундарни врски

Одделот во својот состав обединува две служби:
  • Служба за испитување на релејната заштита и секундарни врски;
  • Служба за анализа и пресметки на електричната релејна заштита;

Одделот за релејна заштита и секундарни врски е задолжен за исправноста и функционалноста на релејната заштита во електропреносниот систем на Република Македонија. Секој елемент во електропреносниот систем: далновод, енергетски трансформатор, собирници, енергетски кабел и друга опрема мора да биде заштитен со соодветна заштита.

Исправно и селективно делување на релејната заштита е врвен приоритет за обезбедување на безбедноста на луѓето и на опремата која е приклучена на електроенергетскиот систем во Република Македонија, а истовремено и за квалитетно и постојано напојување на сите потрошувачи на системот. Како резултат на ова Одделот секоја година врши испитувања на релејната заштита и доколку има потреба интервенира или пак ја заменува со нова. Испитувањето го вршат стручни лица вработени во МЕПСО кои ги имаат сите потребни сертификати и учества на обуки во тренинг центрите кај сите реномирани производители на релејна заштита и испитна опрема ширум светот. Тие работат со најсофистицирана опрема, а еден од главните приоритети наОдделот е да ги следи и применува најновите достигнувања во светот од оваа област. Заради тоа може да се заклучи дека Одделот активно ги следи сите најнови светски активности од областа на релејна заштита и активно учествува на меѓународни советувања и обуки.

Одделот  исто така е одговорен за селективно делување на релејната заштита во електропреносниот систем поради што поседува најсофистициран софтвер неопходен за изработка на сите потребни пресметки и проверка на селективност на релејната заштита. При појава на испади во електроенергетскиот систем Одделот зема активно учество во анализата на испадот и предлага мерки со кои треба да се овозможи што е можно поквалитетно напојување со електрична енергија на сите потрошувачи во електроенергетскиот систем.
Одделот  за релејна заштита и секундарни врски активно учествува во развојот на електроенергетскиот систем на Република Македонија и во изградбата на сите нови објекти во електропреносниот систем. Активно учествува и во изградбата на сите интернационални конекции со соседните држави и одржува постојани врски и средби со соодветните органи кои работат во составот на преносните оператори на соседните држави.