Испрати по е-пошта

Интеграции

А.Д. МЕПСО е полноправен член на новата европска асоцијација на преносни систем оператори ENTSO-E ( European network of transmission Sistem Operators for Electricity). Оваа асоцијација е единствена на ниво на Европа, која ги замени сите досегашни асоцијации на преносни систем оператори кои управуваат со државните или националните електроенергетски системи.

Владимир Здравев, генералниот директор на АД МЕПСО го потпиша договорот за полноправно членство на нашиот национален електро преносен систем-оператор со генералните директори на 42 компании преносни систем оператори на електрична енергија од 34 земји на Европа. Состанокот за оформување на ENTSO-E се одржа во Брисел во петок на 19.12.2008 година. Оваа интеграција е чекор до посигурен и поефикасен европски и регионален пазар на електрична енергија, во согласност со Третиот пакет за Пазар на електрична енергија. Формирањето на ENTSO-E ја зајакнува соработката меѓу систем-операторите на многу полиња како што се: развој на технички и маркет ориентираните кодови, координација на работата на систем операторите и развој на мрежата. Една од главните цели на оваа асоцијација е да се забрза развојот на европскиот единствен пазар на електрична енергија, што ке придонесе за сигурна и координирана работа на целиот европски преносен систем на електрична енергија.

ENTSO-E работи врз база на консултации со Европската комисија, државните регулаторни комисии за енергетика и сите учесници на пазарот. Работата на ENTSO-E се одвива во 3 комитета: Комитет за развој, Оперативен Комитет и Комитет за пазар на електрична енергија. Во секој комитет ке бидат застапени претставници од сите региони во Европа. ЕНТСО-Е ке биде подржан од Секретаријат со постојано вработен персонал со седиште во Брисел. Со ENTSO-E ќе раководи генерално собрание кое истовремено ќе ја координира и работата во организацијата. Со потпишувањето на овој договор, Даниел Добени, генерален директор на ЕЛИА-Белгија, е избран за Претседател на ENTSO-E за период од 2 години. ENTSO-E започнува процес на превземање на сите активности на ETSO (European Trasmission Sistem Operators), UCTE ( Union for the coordination of transmission of Electricits, Нордел, UKTSOA (Велика Британија), BALTSO (балтичките држави) и ATSOI (Ирска и Северна Ирска), односно ќе ги обедини сите асоцијации на преносни систем оператори во еден единствен центар кој ќе ја координира нивната работа.